Uni Graz > Geisteswissenschaftliche Fakultät > Institut für Slawistik
Letzte Bearbeitung: 06.04.2012 23:10
 

Symposien /Симпозиуми

1. Symposium: POETIK, STILISTIK UND LINGUISTIK DER TEXTE VON BLAŽE KONESKI IM „GRALIS-KORPUS“ █ 1. Симпозиум: ПОЕТИКАТА, СТИЛИСТИКАТА И ЛИНГВИСТИКАТА НА ТЕКСТОВИТЕ ОД БЛАЖЕ КОНЕСКИ ВО КОРПУСОТ „ГРАЛИС“

Graz /Грац: 30.–31. 3. 2012.
Бранко Тошовиќ
Почитуван господине член на Општинското собрание Петер Мајр (Peter Mayr)!
Драги колешки и колеги!
Дозволете ми во ваше и во мое име да се заблагодарам за овој прием, кој во рамките на симпозиумот Поетиката, стилистиката и лингвистиката на текстовите од Блаже Конески во Копрусот „Гралис“ ни го приреди градоначалникот господин Сигфрид Нагл и кого денеска го претставува советникот во Општинското собрание господин Peter Mayr. Главната тема на нашата конференција е творештвото на Блаже Конески. Тој е втемелувач и еден од кодификаторите на современиот македонски литературен јазик и виден книжевен, културен и јавен работник: поет, прозаист, есеист, литературен историчар, филолог, лингвист, преведувач и професор на Филозофскиот факултет во Скопје. Во моево неколкуминутно обраќање до господин Маер и до вас, би сакал да укажам на две работи.
Прво, претпоставувам дека е ова прв пат во ѕидините на оваа прекрасна градба во Собранието на главниот град на Штаерска, да се чуе македонска реч, но верувам дека благодарение на започнатата универзитетска соработка со Македонија, таа ќе се слуша сè повеќе и сè почесто на овие простори.
Второ, словенската Југоисточна Европа е традиционално поврзана со Австрија и со нејзината јужна покраина – Штаерска, посебно во текот и како резултат на Австроунгарското владеење, во чии рамки се наоѓаа Словенија, Хрватска, Босна и Херцеговина, како и дел од Србија. Околноста што Македонија остана надвор од оваа империја, под турска доминација и на релативна географска оддалченост, влијаеше врз тоа да бидат послаби контактите со неа. Со формирањето на самостојната македонска држава, а особено со австриско-македонскиот проект „Моно- и мултилингвален електронски корпус на македонскиот јазик“, започнат во 2008 година, се отвораат нови перспективи за соработка. Што се однесува до главниот град на Штаерска, неговите врски со јужнословенските народи имаат длабоки корени. Тоа се должи на местоположбата на Грац, кој се наоѓа мошне близу до подрачјето на поранешна Југославија, поради што уште одамна бил привлечен за луѓето од нејзината територија. Некои од нив овде студирале и се школувале, други барале и наоѓале вработување, а трети престојувале кратко време, на пропатување, на гостување и сл. Впрочем и самото име на градот потекнува од зборот градец, кој на алпскословенски значи ‛мал град/замок’.
За овој град се врзани животот и работата на многумина познати личности од нашите краишта. Најпознатиот е секако Иво Андриќ. Тој работел во Конзулатот на Кралството на Србите, Хрватите и Словенците и се школувал на докторски студии, кои ги завршил во 1924 година. Живеел на улицата Мерангасе, на која денеска се наоѓа Институтот за славистика. Втората позната личност е Никола Тесла. Од 1875 (иљада деветсто седумдесет и пета) до 1978 (иљада деветсто седумдесет и осма година) година, тој учел на Високата техничка школа во Грац (која тогаш важела за најдобра висока школа во овој дел на Европа). Во втората година од школувањето (1877, иљада осамсто седумдесет и седма), во текот на предавањето на професор Прешл за динамо-машината, Тесла прв пат дошол на идеја да создаде мотор за наизменична струја. Вториот познат писател е Владимир Назор, кој по завршувањето на гимназијата во Сплит, студирал природни науки во Грац.
Јурај Крижаниќ, авторот на првата општословенска граматика и еден од првите поборници на панславизмот, во август 1638 (иљада шесто тридесет и осма) година во Грац се стекнал со титулата магистер (по филозофија како главен предмет). Водачот на хрватското Илирско движење Људевит Гај по завршувањето на средното училиште, студирал флозофија во Виена, а потоа во Грац.
Во Грац престојувал и комедиографот Бранислав Нушиќ. Тој во Белград ги започнал правните студии, но ги напуштил, па потоа дипломирал во Грац. Летото 1911 година, овде престојувал сликарот Сава Шумановиќ, кој сакал да си го усоврши германскиот јазик.
Што се однесува до уметноста, луѓето од ова подрачје најмногу се врзувале за Музичката академија, која важи за една од најдобрите во Европа.
Во јавниот живот на Грац понекогаш ќе се случи нешто што е незамисливо за подрачјето на поранешна Југославија. Така на пример, на 29 ноември 2002 година во дискотеката „Tanzpalast“ пред 300 посетители се одржа изборот за „Mis Ex-Yu на Штаерска“. Преседателот на жирито беше еден австриски слободен новинар.
Се надевам дека за извесно време, меѓу овие имиња ќе се најде и некое македонско. И тоа не само едно.
Врските на македонскиот народ со Грац, барем засега, не можам да ги илустрирам со престој на познати македонски личности во овој град. Затоа, ќе наведам неколку моменти од економскиот, културниот и образовниот живот на Македониците, кои се врзани за Грац. Токму во Грац, неодамна се одржа презентација на економските потенцијали на Македонија, поради намерата на штаерските претријатија да ги зајакнат економските врски со Македонија. Станува збор за шестата годишната конференција „Пријави се, Југоисточна Европо! („Check In Southeast Europe!) на тема „Инвестициска тркалезна маса за Македонија“, на која приствуваа вицепремиерот Владимир Пешевски и гувернерот на Народната банка на Македонија Димитар Богови, како и други истакнати личности. Во Грац се наоѓа седиштето на Европскиот центар за современи јазици (ECML), институција на Советот на Европа, која се занимава со реформи во наставата по јазик. Како членка на Советот на Европа, и Македнија има свој претставник во Европскиот центар за современи јазици. Мотото на оваа институција е дека меѓусебното разбирање е предуслов за хармоничен соживот на континентот без делбени линии и дека за таа цел се неопходни граѓани што ќе можат да комуницираат на некои од многубројните јазици што се зборуваат во Европа. Грац го привлекува вниманието на Македонците и како образовен центар. Посебно место зазема Музичката академија, за која постои голем интерес во Македонија.
На крајот би сакал уште еднаш да му се заблагодарам на градоначалникот за овој прием, како и на господин Маер, кој ни посвети дел од своето време. А сега ги молам да ви се обратат деканот на Филолошкиот факултет во Скопје, Максим Каранфиловски во Скопје, и раководителката на Институтот за македонски јазик во Скопје, Веселинка Лаброска, кои се коорганизатори на овој симпозиум. Ви благодарам за вниманието.